Настапот на познатиот српски пејач Аца Лукас во Кавадарци во петокот беше ненадејно прекинат околу полноќ, по интервенција на полицијата.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, за Сител изјави дека интервенцијата била неопходна поради сериозни безбедносни прекршувања и пренатрупаност на локалот.
Јанчев посочи дека кафетеријата има капацитет за околу 200 гости, додека внатре биле присутни повеќе од 700 лица, што значи тројно надминување на дозволениот број.
„Општината нема да дозволи да се повтори нешто како трагедијата што ја видовме пред неколку месеци во Кочани. Нема да дозволиме пренатрупани локали без основни безбедносни мерки“, нагласи Јанчев.
Градоначалникот објасни дека организаторите претходно побарале дозвола за користење на дополнителен јавен простор за маси, но барањето било официјално одбиено од безбедносни причини.
Дополнителни прекршувања биле:
- Настапот се одвивал подолго од дозволеното работно време (ограничено до 01:00 часот по полноќ).
- Ангажманот на изведувачот не бил пријавен во Агенцијата за вработување или во Министерството за труд.
Самиот Аца Лукас на Инстаграм ја објасни ситуацијата, тврдејќи дека огромниот интерес и присуството на околу 2.000 гости предизвикале гужва што довела до интервенција.

