Грција се подготвува за силно невреме, откако надлежните служби издадоа црвено метеоролошко предупредување за повеќе региони во земјата. Невремето „Аргос“ денеска, 29 ноември, се очекува да донесе обилни врнежи од дожд, грмежи и силни ветрови.
Под црвено предупредување се наоѓаат Атика, во која се наоѓа и главниот град Атина, Евија, Спорадите, Лариса, Магнезија, Беотија и Фтиотида. Според најавите, во текот на денот невремето постепено ќе се прошири и кон делови од Пелопонез.
Особено опасни временски услови се очекуваат во Егејското Море, каде што северните и североисточните ветрови локално ќе достигнат до 10 бофори, што претставува сериозна опасност за поморскиот сообраќај.
Грчките власти веќе презеле мерки за предупредување на населението. Жителите на неколку региони уште во саботата добиле известувања преку националниот систем за итни случаи 112, објави грчкиот јавен сервис ЕРТ.
Надлежните служби ги следат временските услови и апелираат до граѓаните да ги почитуваат предупредувањата и да бидат внимателни во периодот на најавеното невреме.

