Левица реагира на односот на министерката за образование и наука Весна Јаневска кон студентските протести, обвинувајќи ја дека наместо да одговори за неусогласувањето на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата, го доведува во прашање револтот на студентите.
Од партијата посочуваат дека, според нивните пресметки објавени во август, студентите се оштетени за околу 400 милиони денари поради повеќегодишното неусогласување на износот на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата.
Од Левица нагласуваат дека усогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата е законска обврска, а не прашање на политичка волја или расположливи средства. Според нив, најавените нови модели за октомври 2027 година не можат да го надоместат досегашното неисполнување на законската обврска.
Партијата информира дека во изминатиот период ги искористила расположливите институционални механизми за решавање на проблемот. Меѓу нив се поднесување законски измени и амандмани, иницирање судска постапка, како и доставување претставка до Народниот правобранител.
Од Левица потсетуваат дека парламентарното мнозинство претходно ги одбило нивните предлози за зголемување на студентскиот оброк, додека министерката Јаневска ги упатува студентите да чекаат судска разрешница за остварување на право кое, според партијата, веќе им е загарантирано со закон.
Поради ваквиот развој на настаните, пратеничката група на Левица најавува дека утре повторно ќе поднесе предлог-закон за зголемување на субвенционираниот студентски оброк.
„Не се студентите тие кои треба да ја докажуваат логиката на својот протест, туку Јаневска е таа која треба да ја објасни причината за своето непостапување по закон“, порачуваат од Левица.

