Бизнисмен добро познат на полицијата е ранет утрово околу 8:30 часот во пукотница на улицата „Банатска“ во загрепската населба Дубрава, соопшти загрепската полиција, а хрватскиот портал „Индекс“ пренесува дека станува збор за претприемач кој и претходно бил цел на вооружен напад.
Според првичните и неофицијални информации на „Индекс“, напаѓачот го чекал во дворот на неговата куќа и го ранил во нозете, по што на повредениот му е укажана лекарска помош, додека полицијата го обезбедила местото на настанот, го затворила сообраќајот на улицата „Банатска“ и интензивно трага по сторителот.
Истиот претприемач на 19 март 2025 година беше тешко ранет во нозете пред ресторан во Дубрава од маскиран напаѓач, а кон крајот на декември минатата година склучи спогодба со УСКОК и призна вина за даночна измама при увоз на луксузни автомобили во периодот од 2015 до 2018 година – со која државниот буџет бил оштетен за околу 655.000 евра – добивајќи 11 месеци општествено корисна работа, парична казна од 150.000 евра и обврска за враќање на штетата, откако по акцијата на УСКОК во јануари 2018 година беше уапсен по потерница во Белград и екстрадиран во Хрватска.

