Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид ќе биде домаќин на состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, чија цел е унапредување на регионалната соработка и европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Коорганизатори на состанокот се претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
На регионалниот состанок ќе учествуваат претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, како и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Според агендата, состанокот ќе започне по официјалниот пречек на лидерите и ќе трае околу час и половина. По неговото завршување, предвидена е заедничка прес-конференција на Сиљановска-Давкова, Пирц-Мусар и Милановиќ.
Во рамки на посетата, Сиљановска-Давкова ќе оствари и билатерални средби со претседавачката и членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, како и со вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива воспоставена во 2013 година од претседателите на Словенија и Хрватска. Нејзина цел е забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и одржување на стабилноста.
Покрај Македонија, Словенија и Хрватска, во иницијативата учествуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

