Веќе во декември до Собранието ќе бидат доставени два специјални закони поврзани со стандардот на младите, односно младите брачни парови, за да може веќе следната година да се имплементираат. Двата закони се однесуваат на млади брачни парови, барем еден е до 35 години старост да може да добие станбена површина којашто ќе биде 20% поевтина од пазарната цена минатата година, и вториот закон, со којшто општините нема да наплаќаат комуналии за истата категорија брачни парови.
Првата мерка; Млад брачен пар до 35 години или најмалку еден член во таа брачна заедница да има возраст до 35 години ќе се стекне со право да користи 20% попуст на станбена површина споредено со просекот од претходната година за таа катастарска општина.
Мицкоски побарал анализа од Катастар согласно договорите.
-Анализата согласно податоците од Катастарот за првите три квартали од оваа година, бидејќи годинава ќе биде репер за цените следната година, покажуваат интересни бројки, посочи Мицкоски којшто наведе дел од нив.
-Во првите три квартали во катастарска Општина Центар, просечниот квадрат се продава по 1915 евра, толку Катастарот има заведено. Дали градежните компании продавале по таа цена или не, но толку стојат во договорот и толку платиле данок, за 1915 евра квадрат. Дваесет проценти попуст тоа значи дека следната година отприлика тој којшто ќе сака да добие дозвола за градба на станбена единица мора прво да оддели 10% станбена површина за овие луѓе коишто ги исполнуваат условите согласно законот и тогаш квадратот за нив ќе биде 1530 евра.
-Општина Карпош, просекот којшто го евидентира Катастарот е 1386 евра квадрат. Со попуст, тој би бил 1110 евра за квадрат. Тоа е цената којашто ќе треба да се плати.
-Охрид, просекот е илјада 1138 евра. Со попуст ќе биде 911 евро.
-Струмица, 751 евро, со попуст ќе биде 601 евра квадрат за брачен пар до 35-годишна возраст.
-Битола, просекот овие три квартали од оваа година е 525 евра квадрат. Катастар така го води. Со попуст ќе биде 420 евра.
-Кавадарци, просекот е 795 евра квадрат во првите три квартали од оваа година, такви се договорите пријавени во Катастар. Јас не сум градежник немам градежна компанија, но јас само замолив од директорот да направат анализа и дојдовме до овие бројки. Со попуст тоа е 636 евра.
-Гостивар, просекот е 635 евра што значи дека со попуст ќе биде 508 евра.
-Тетово, просекот е 785 евра во Катастар за овие три квартала, што значи дека со попуст ќе биде 627 евра.
-Штип, 810 евра е просекот. Со попуст ќе биде во Штип 648,5 евра за квадрат.
-Има и многу други, но ова сѐ се новоградби. Зборувам за новоградби. Ова ќе бидат цените со коишто тие коишто ќе ги исполнуваат условите да се стекнат со право да влезат во овој процес. Ќе повторам нема да може градежната компанија да добие дозвола за градба доколку уште во процесот на урбанизација и проектирање не одвои 10% од станбена, минимум 10%. Ова е цениме мерка за младите со којашто цениме дека тие ќе го решат своето најгорливо прашање, а тоа е домувањето, додаде Мицкоски.
Мицкоски ја образложи и втората мерка за млади брачни парови до 35 години, а се однесува за оние коишто ќе посакаат да градат куќа.
-Втората мерка, и еве испраќам порака и до ЗЕЛС и до градоначалниците да парцелизираат и да урбанизираат површина којашто преку јавно надавање, силно ги советувам да бидат со јавно наддавање едно евро квадрат, да дозволат на брачни парови коишто ги исполнуваат овие услови да можат да се стекнат со имот и да ги ослободат потоа ако градат куќа од комуналии. Цениме дека овие две мерки ќе додадат вредност врз квалитетот на живот на младите. И цениме дека на овој начин ќе се отвори еден вид ривалитет од општина во општина коишто практично ќе се обидуваат да привлечат што е можно повеќе брачни парови коишто ги исполнуваат овие услови. Па така ги повикувам и градоначалниците да размислат и овие 10% дополнително да дадат попуст и тука во делот на комуналиите коишто се однесуваат за овие брачни парови коишто ги исполнуваат овие услови, посочи Мицкоски.

