Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека руските амбиции не се ограничени само на Украина, туку дека Москва претставува поширока безбедносна закана за Европа. Тој посочи дека зголемувањето на тензиите во балтичкиот регион, Полска, Црното Море и во вселената е причина европските земји сериозно да пристапат кон прашањето за сопствената безбедност.
Говорејќи во германскиот Бундестаг за време на расправата за буџетот за 2027 година, Мерц истакна дека Русија има цели кои ги надминуваат границите на Украина.
„Русија точно знае што сака. И Русија сака повеќе од Украина“, изјави германскиот канцелар.
Тој ги критикуваше и оние кои, според него, не ја препознаваат опасноста од руските намери и не ја согледуваат пошироката безбедносна слика.
„Секој што не го разбира тоа или не ја согледува реалноста или има сосема поинаква агенда – спротивна на слободата, отвореноста и либералните вредности на нашата земја“, порача Мерц.
Германскиот канцелар оцени дека Германија во изминатиот период не посветувала доволно внимание на одбраната, инфраструктурата, демографските промени и економијата, нагласувајќи дека овие прашања мора да станат приоритети.
Осврнувајќи се на руските активности, Мерц рече дека тензиите се зголемуваат на повеќе точки во Европа и пошироко.
„Русија ги зголемува тензиите во балтичкиот регион, Русија ги зголемува тензиите во Полска, на Црното Море, Русија ги зголемува тензиите во вселената“, изјави тој.
Тој додаде дека последиците од ескалацијата се чувствуваат и на германска територија, „дури и по цена на човечки животи“.
„Како Европејци, мораме, и ќе ѝ поставиме јасни граници на Русија“, порача Мерц.
Предупредувањата доаѓаат во период на зголемена загриженост поради можноста Русија да распореди во орбитата сателит опремен со нуклеарно оружје, кој би можел да биде наменет за уништување или онеспособување други сателити.
За безбедносните предизвици во Европа говореше и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на заедничката прес-конференција со Мерц, одржана на 23 ноември во Берлин. Тој истакна дека Алијансата внимателно ја следи безбедносната состојба, вклучително и потенцијалните закани во вселената.
Руте порача дека НАТО ќе продолжи да ја штити територијата на сите свои членки.
„Можам да ве уверам дека секогаш ќе се погрижиме да го браниме секој сантиметар од територијата на НАТО, а тоа подразбира и да бидеме безбедни кога станува збор за вселената“, изјави генералниот секретар на Алијансата.

