Во Музејот на македонската борба за самостојност денеска ќе се одржи панел-дискусија на тема „Мајчинството – предизвик на 21 век“, во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
На дискусијата ќе учествуваат жени од различни општествени, професионални и духовни сфери, кои ќе ги споделат своите искуства и ставови за предизвиците со кои се соочуваат мајките во современото општество.
Целта на настанот е да се поттикне размена на мислења и искуства за мајчинството, како и да се зголеми свеста за потребата од поголемо разбирање и поддршка на улогата на жената и мајката.
Програмата предвидува два тематски панели. Првиот, „Општествено реализирани жени-мајки“, ќе ги опфати искуствата на пратенички, претставнички на државните институции и жени од бизнис-секторот.
Вториот панел, „Мајчинството низ призмата на верските заедници“, ќе се фокусира на духовните и верските аспекти на мајчинството, со учество на претставнички од црквите, верските заедници и религиозните групи.
Од Комисијата посочуваат дека мајчинството претставува не само лична и семејна одговорност, туку и значајна општествена вредност која заслужува внимание, почит и поддршка.
Преку оваа иницијатива организаторите имаат цел да ги афирмираат мајчинството, семејството и достоинството на жената во современото општество.

