Парното во Скопје од 1 декември ќе поскапи за околу 7,5 проценти, покажуваат пресметките направени врз основа на предложените тарифи што Регулаторната комисија за енергетика ги разгледуваше на денешната подготвителна седница. Доколку предлогот биде потврден, ова ќе биде трето поскапување на парното во последните 12 месеци, со што сметките за греење кумулативно ќе бидат повисоки за над 20 проценти.
Најголемиот дел од поскапувањето ќе го почувствуваат корисниците на ЕСМ Снабдување со топлина, преку кое се загреваат околу 63 илјади домаќинства, односно речиси 96 проценти од скопските домаќинства приклучени на централното греење.
Според предложените тарифи, цената за ангажирана моќност, односно фиксниот дел од сметката, се зголемува за 6,92 проценти, додека цената за потрошената топлинска енергија расте за 7,88 проценти. Со оглед на различното учество на овие две ставки во сметките, пресметките покажуваат дека за просечно домаќинство поскапувањето би изнесувало околу 7,5 проценти.
За стан од 60 квадратни метри, со ангажирана моќност од шест киловати и годишна потрошувачка од 7.000 киловат-часови, тоа би значело зголемување на месечната сметка за околу 200 денари. Наместо досегашните приближно 2.600 денари, домаќинството би плаќало околу 2.800 денари месечно, доколку потрошувачката остане непроменета и наплатата се врши на 12 рати. На годишно ниво, трошоците за греење би се зголемиле за околу 2.400 денари.
Слично поскапување е предложено и за домаќинствата што се загреваат преку ЕСМ Енергетика, односно таканареченото железарско парно, кое опфаќа делови од скопската општина Гази Баба, меѓу кои Железара, Триангла, Маџари и Хиподром. За овие корисници се предвидува зголемување на цените од околу 7,2 проценти. Кај домаќинствата што плаќаат паушално на 12 месечни рати, цената по квадратен метар би се зголемила од 45,81 на 49,13 денари. Тоа значи дека за стан од 60 квадратни метри месечната рата би била повисока за околу 200 денари.
Поскапување од 7,55 проценти е предложено и за корисниците на Енерџи Еколинк, снабдувачот што го опслужува системот на поранешно „Скопје Север“. Кај овој снабдувач за ист процент се зголемуваат и фиксната и варијабилната компонента од цената.
Новите тарифи произлегуваат од барањата на компаниите за усогласување на трошоците за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Како една од главните причини за корекцијата се наведуваат повисоките трошоци за набавка на природен гас, кој има значително учество во производството на топлинска енергија.
Регулаторната комисија треба да ги потврди предложените тарифи со официјална одлука до крајот на ноември. Предвидено е новите цени да почнат да се применуваат од 1 декември, а првите повисоки сметки граѓаните се очекува да ги добијат по Нова година.
Доколку биде одобрено, ова ќе биде трето поскапување на парното во период од една година. Во декември минатата година цената за корисниците на ЕСМ Снабдување беше зголемена за 5,9 проценти, а од август годинава следуваше дополнително поскапување од 5,96 проценти. Со новото предложено зголемување од околу 7,5 проценти, кумулативниот раст на трошоците за греење би достигнал приближно 20,7 проценти.
Но, парното не е единствениот дополнителен трошок што ги очекува граѓаните. Од 1 јануари 2027 година се очекува и нова корекција на цената на електричната енергија. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика минатата недела, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител, посочи дека може да се очекува поскапување на струјата меѓу два и три проценти.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, уверува дека Владата прави максимални напори да го ублажи ударот врз семејните буџети. Според него, и покрај енергетската криза и високите цени на електричната енергија на берзите, целта е граѓаните да не добијат значително повисоки сметки за струја.
Конечните цени на парното и струјата треба да бидат утврдени со посебни одлуки на Регулаторната комисија за енергетика.

