Владата подготвува ново дигитално решение преку апликацијата „Е-услуги“, со кое покрај повисок износ за студентскиот оброк, студентите ќе добијат и дополнителни поволности, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека владиниот план не се сведува само на зголемување на парите за исхрана, туку цели кон пошироко унапредување на студентскиот стандард.
– Третата мерка, а тоа е оброкот, кој е многу популарен, гледам некои од политичките партии жестоко го злоупотребуваат, што не би требало така да биде, но како и да е, тоа останува на нивната чест и совест, но она што ние како Влада сакаме да го постигнеме е во голема мера да го подобриме стандардот на студентите. Сега зборувам за студентскиот стандард и за студентскиот оброк – рече Мицкоски.
Како што објасни премиерот, моделот ќе функционира преку платформата „Е-услуги“, преку која студентите ќе имаат пристап и до други привилегии што досега не им биле овозможени.
– Ние цениме дека на овој начин драматично ќе го олесниме студирањето и ќе го подобриме студентскиот стандард. Работиме на апликацијата, работиме со колегите од Генералниот секретаријат, од министерствата за дигитална трансформација, за образование и наука и за финансии и очекувам многу бргу да излеземе со ова иновативно дигитално решение, кое го нема во Европа. Ниедна држава во Европа нема ваков тип решение што ќе го имаат македонските студенти – изјави Мицкоски.
Точниот износ за кој ќе се зголеми оброкот засега не е прецизиран, а премиерот најави дека деталите ќе бидат објавени наскоро.
– Работиме во моментот и многу бргу ќе излеземе со информација затоа што ова решение што ние го нудиме е иновативно и досега ниедна држава не го имплементирала затоа што ги надминува границите на студентскиот оброк и опфаќа многу поширок избор на придобивки – посочи премиерот.
Покрај ова, Мицкоски потсети на досегашните вложувања во студентската инфраструктура, наведувајќи дека еден долго ветуван студентски дом е веќе завршен и ставен во функција, додека друг се очекува да биде пуштен до крајот на годинава или на почетокот на следната. За реконструкција на повеќе ученички и студентски домови, пак, Владата предвидува околу 50 милиони евра.
Како дел од пакетот поддршка за младите и студентите, премиерот ги спомена и грантовите за самовработување на лица до 29 години, како и распределбата на електронски уреди.

