Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера порача дека младите кои протестираат против насилството врз жените во него можат да гледаат соговорник и соработник во борбата против овој општествен проблем.
Говорејќи на конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ја изрази својата поддршка за кампањата против насилството врз жените, нагласувајќи дека во справувањето со овој проблем не треба да има политички или партиски поделби.
Тој се осврна на последниот протест на младите пред Владата, посочувајќи дека ги разбира нивните пораки и револтот поради случаите на насилство врз жените. Според него, неопходен е институционален одговор, не само од Министерството за внатрешни работи, туку и од превентивните механизми, обвинителството и судството.
Мицкоски оцени дека насилството врз жените е долгогодишен општествен проблем, кој, според него, е последица на нарушениот систем на вредности, губењето на моралот и семејните принципи, како и ниското ниво на општествена и политичка култура.
Тој повика на поширока општествена дебата и ги покани младите да се вклучат во разговорите за предложените законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство.
Во своето обраќање, Мицкоски упати критики и кон опозицијата, обвинувајќи ја за ширење дезинформации и политизација на општествените проблеми.
Осврнувајќи се на случајот со Алта банка, премиерот изјави дека станува збор за проблем поврзан со случувањата во матичната банка во Србија. Тој најави дека банката ќе биде спасена и увери дека средствата на граѓаните ќе останат достапни.
Мицкоски се осврна и на економските состојби, наведувајќи дека Македонија, според неговите оценки, бележи добри резултати во економскиот раст и има релативно ниска инфлација во споредба со европските земји.

