Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека ќе ја спасува Алта банка, иако претходно надлежните уверуваа дека состојбата е стабилна, реагира СДСМ во денешното утринско соопштение.
Од партијата посочуваат дека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, претходно изјавувал дека сè е во ред, но веќе следниот ден била воведена принудна управа.
СДСМ во реакцијата прави споредба и со случувањата во Србија, каде што, според партијата, Народната банка најпрво уверувала дека состојбата е стабилна, а потоа ѝ ја одзела дозволата за работа на Алта банка, по што институцијата заминала во стечај.
Од СДСМ прашуваат зошто е потребно спасување доколку банката навистина е во добра финансиска состојба, како што претходно било соопштувано. Дополнително, бараат објаснување за најавената продажба, условите под кои би се реализирала и финансиските трансакции поврзани со банката.
Во соопштението партијата изнесува и обвинувања за наводна поврзаност на банката со финансиски текови од Србија, како и сомневања за перење пари, посочувајќи дека во банката се наоѓаат и средства на граѓани и јавни претпријатија.
„Затоа што Мицкоски и Славески знаат дека ќе одговараат“, наведуваат од СДСМ, од каде порачуваат дека, според нив, вистината за случајот допрва ќе излезе на виделина.

