Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на министерски состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“, што ќе се одржи во Атина, на покана на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис.
Во центарот на разговорите ќе бидат забрзувањето на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и одржувањето на динамиката на проширување на Европската Унија, особено во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 25 ноември и претстојното грчко претседателство со Унијата во втората половина на 2027 година.
На состанокот ќе присуствуваат шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ и државите од Западен Балкан, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Од македонското МНР информираат дека средбата е дел од редовниот политички дијалог со земјите од регионот, при што ќе се разговара за следните чекори и можностите за конкретен напредок во пристапниот процес.
Грција, како една од земјите иницијатори на поддршката за европската перспектива на Западен Балкан, најавува засилени активности во пресрет на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ во 2027 година.
На маргините на состанокот се предвидени и билатерални средби меѓу министрите.

