Седумнаесетгодишната Теодора Мируна загина во четвртокот наутро на пат кон средното училиште „Јулија Хашдеу“ во Букурешт, откако ја удри камион за собирање смет и ја влечеше околу 100 метри.
Според податоците од истрагата, девојката се движела по тротоарот со качулка на главата и мобилен телефон во раката, а во моментот кога тргнала да го поминува коловозот на аголот од улицата, врз неа налетал камионот при вртење вдесно, закачувајќи ја со задниот дел и влечејќи ја сè до местото каде што подоцна ја забележал случаен минувач.
Возачот (26) воопшто не запрел и продолжил да ги празни контејнерите кај околните станбени згради, а полицијата го лоцирала и сопрела во улицата Зизин, на околу пет минути возење од местото на несреќата, дури по повеќе од три часа од повикот на бројот за итни случаи 112, пренесува порталот „Антена Обсерватор“.
На сослушувањето возачот тврдел дека не забележал оти удрил и усмртил девојка, наведувајќи дека таа најверојатно се нашла во мртвиот агол на возилото, во кое бил сам бидејќи камионот имал современ механизам за празнење контејнери без потреба од дополнителни работници.
„Ме повикаа од работа и ми рекоа да се паркирам бидејќи некој ќе дојде да го прегледа камионот. Ништо повеќе. Ги прашав полицајците, а тие ми го кажаа истото, да почекам додека да извршат некои проверки. Не знам што да ви кажам. Излегува дека сум прегазил некого. Ништо повеќе. Навистина не знам што да ви кажам. И јас останав шокиран, бидејќи… Не знам!“, изјави возачот за новинарите.
Истражителите проверуваат зошто Теодора не го слушнала бучниот камион, разгледувајќи ја можноста да носела слушалки кои можеби некој минувач ги зел од местото, како и претпоставката дека непосредно пред ударот гледала во екранот на мобилниот телефон, кој пак бил пронајден од минувач и предаден в полиција.
Девојката лежела покрај местото за одложување отпад сè додека не ја забележал минувач и повикал итна помош, но лекарите можеле само да констатираат смрт, додека против возачот се води истрага при што тој се брани од слобода.
Теодора била ученичка во трета година во средното училиште „Јулија Хашдеу“ и членка на училишната театарска група, а нејзината смрт ги потресе соучениците со кои веќе го планирала дочекот на Новата година во нејзиниот дом, како и родителите од неколку средни училишта во Букурешт кои сега бараат дополнителни безбедносни мерки околу образовните установи.

