Германската авиокомпанија Луфтханза најави укинување на 1.000 работни места со полно работно време на аеродромите во Франкфурт и Минхен, како одговор на финансиските загуби со кои се соочува главниот авиопревозник во групацијата.
Главната компанија „Луфтханза ерлајнс“ (Lufthansa Airlines) во периодот од јануари до септември годинава бележи просечен месечен минус од 20 милиони евра, а кратењето на 1.000 позиции опфаќа околу 2,5 отсто од нејзините вкупно 40.000 вработени.
Според интерно писмо до вработените, на кое се повикува „Еуроњуз“, врз забавеното закрепнување директно влијаеле штрајковите на пилотите и кабинскиот персонал, како и наглиот скок на цените на горивото по почетокот на војната во Иран.
„Годината 2026 нè врати назад. Војната на Блискиот Исток, сè уште многу високите трошоци за гориво, деветте дена штрајк и нашата ионака висока трошковна база дополнително ја влошија ситуацијата“, наведува раководството во писмото.
Управата предупредува дека над 700 мерки од планот за реструктуирање од 2024 година, чија цел беше зголемување на заработката за 2,5 милијарди евра до 2028 година, веќе не се доволни, но сè уште не потврдува дали новите 1.000 откази се дел од минатогодишниот план на групацијата за кратење на 4.000 претежно административни места до 2030 година.
За разлика од главниот бренд, чија оперативна добивка во третиот квартал падна за една третина на околу 300 милиони евра, подобри резултати бележат останатите членки на групацијата – „Свис“ (SWISS), „Остријан ерлајнс“ (Austrian Airlines), „Браселс ерлајнс“ (Brussels Airlines), „Еуровингс“ (Eurowings) и „ИТА ервејс“ (ITA Airways), каде групацијата има 41 отсто удел, а во план е и купување до 49,9 отсто од португалскиот ТАП (TAP) за сума до 1,2 милијарди евра.
На ниво на целата групација, нето-добивката во првите девет месеци од 2026 година е намалена за 35 отсто на 715 милиони евра, а на 3 ноември беа ревидирани и годишните очекувања за прилагодената оперативна добивка од претходните до 2,2 милијарди евра на интервал меѓу 1,7 и 2 милијарди евра.
И покрај тоа што до октомври беа откажани 20.000 летови на пократки релации за да се заштеди, трошоците за гориво на ниво на групацијата годинава се проценуваат на 9,3 милијарди евра, што е за околу две милијарди евра повеќе отколку лани.
„Сега мораме да го забрзаме финансиското закрепнување на нашиот главен бренд“, порача извршниот директор Карстен Шпор.

