Емил Спасовски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет каде се дискутираше Предлог-Буџетот за 2027 година, посочи дека финансиските параметри, планираните инвестиции, приоритетите што ги поставува, Буџетот за 2027 година, според него, треба да се гледа низ призмата на развојот, економската стабилност и фискалната одговорност.
„Буџет кој треба да создаде услови за забрзување на економската активност, зголемување на продуктивноста и отворање на нови можности за инвестиции, но истовремено да ја задржи социјалната компонента преку поддршка на оние кои им е најпотребна“, рече Спасовски.
Тој кажа дека секој денар од Буџетот мора да има своја економска и општествена оправданост, фискална дисциплина, која како што вели, не е ограничување туку предуслов за долгорочна економска стабилност.
„Нашата цел мора да биде јасна, повеќе инвестиции, посилна економија, подобри услови за бизнис, повисок животен стандард и повисоки јавни услуги“, вели тој.
Спасовски говореше и за приходите во буџетот за 2027 година: „Вкупните приходи во буџетот за 2027 година, се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, околу 6,4 милијарди евра, што претставува зголемување од 5,7 проценти во споредба со 2026 година. Вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно 7,1 милијарда евра, што е зголемување за 4,8 проценти во однос на претходната година“.
Тој вели дека буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 731,7 милијарди евра, што претставува 3,5 од БДП.
„Ова укажува на продолжување на процесот на постепена фискална консолидација, со цел намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се занемарат развојните приоритети. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарда денари, што претставува раст од 6,4 проценти. Само од ДДВ се планирани 100,4 милијарди денари, од данок на личен доход 42 милијарди денари, а од данок на добивка 27 милијарди денари, од приход од акцизи 31,9 милијарди денари и приходи од царински давачки и данок на моторни возила се планирани приходи од 17,5 милијарди денари“, истакна тој и додаде:
„Оваа проекција, има основ ако внимателно ги следиме резултатите на Владата, само во првото полугодие од 2026 година, економијата порасна 3,1 процент во првиот квартал и 4,3 проценти во вториот квартал“.

