Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, одржаа билатерална средба на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во кинескиот град Шенжен, при што разговорите траеја речиси 60 минути, пренесе РИА Новости. Белата куќа состанокот го опиша како неформален разговор („pull-aside“), во кој учествуваа високи делегации на двете земји, меѓу кои Марко Рубио, Скот Бесант, Стивен Милер, Сергеј Лавров и Јуриј Ушаков.
На почетокот на средбата, Трамп го пофали односот со рускиот лидер, нарекувајќи го пријател, додека Путин не се обрати јавно пред камерите, туку само му се заблагодари на англиски јазик.
„Кој е тоа? Тој ми е пријател“, рече Трамп, покажувајќи кон Путин за време на средбата, а потоа додаде: „Имаме одлични односи со години, се познаваме долго време и мислам дека од ова можат да произлезат многу добри работи или барем може да биде почеток на нешто“.
По ова, Трамп оствари и билатерална средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, која според американските медиуми траела 13 минути, иако двајцата претходно разговарале два часа за време на гала вечера. Американскиот претседател истакна дека ќе побара поголем кинески увоз на земјоделски производи како соја, а како заеднички интереси ги посочи завршувањето на војната во Украина, слободниот проток низ Ормутскиот теснец и спречувањето Иран да развие нуклеарно оружје.
„Претседателот Си и јас изградивме извонреден личен однос. Навистина е. Некои луѓе не се среќни кога го слушаат тоа, но јас сум многу среќен поради тоа“, изјави Трамп.
Од друга страна, кинескиот претседател Си Џинпинг оцени дека односите меѓу Пекинг и Вашингтон се стабилни и се подобруваат, нагласувајќи дека тие се засноваат на почит, праведност и реципроцитет.
„Воспоставивме нова дефиниција за контраСтратешка стабилност на односите меѓу Кина и САД. Цврсто сум посветен на соработка со вас“, му порача Си на американскиот претседател.
Средбите на Трамп со Путин и Си служат како подготовка за најавениот трилатерален состанок меѓу тројцата лидери во резиденцијата „Килин Шанжуанг“, каде се очекува да се отворат клучни меѓународни прашања, вклучително и конфликтот во Украина.
„Мислам дека би можеле да имаме успешен состанок“, рече Трамп во пресрет на трилатералната средба.

