Претставници на Светската здравствена организација (СЗО) денеска објавија дека е постигнат напредок во одговорот на епидемијата на ебола, но предупредија дека вирусот сè уште се шири во оддалечените делови на Конго.
Раководителот на Програмата за здравствени итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО) Чикве Ихеквеазу изјави дека, кога станува збор за епидемијата на ебола, „се гледаат охрабрувачки знаци“, пренесуваат британските медиуми.
Тој изјави дека е охрабрувачки што има намалување на бројот на случаи во поранешните жаришта, како што е Бунија, во источниот дел на Демократска Република Конго.
„Меѓутоа, случаите сега се појавуваат во повеќе рурални области до кои е потешко да се стигне… Најголемиот предизвик со кој се соочуваме во моментов е зголемената несигурност“, рече Ихеквеазу.
Специјалниот координатор на ОН за ебола Џулиен Харнис рече дека областа каде што се појави еболата е „едноставно незамисливо огромна“.
„Но, во 80 проценти од случаите, низ тој огромен простор, успеваме да ги извршуваме нашите активности“, рече Харнејс.
Епидемијата на ебола, во која бројот на потврдени случаи сега надминува 11.000, се прошири од Конго во делови од Источна, Централна и Западна Африка.
Здравствените власти кон средината на мај објавија дека епидемијата е предизвикана од редок сој на вирусот „бундибугјо“, за кој нема одобрени лекови или вакцини.
Според податоците на СЗО, досега се регистрирани 80 напади врз здравствени установи и здравствени работници во областа каде што избувна епидемијата.

