Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, сместена во Полицискиот центар во Ѓорче Петров, каде што беше пуштен во употреба реконструиран објект кој подолг период беше надвор од функција поради оштетувања предизвикани од пожар.
За реконструкцијата на објектот, со вкупна површина од 488 квадратни метри, инвестирани се околу 8 милиони денари. Со градежните зафати се обновени оштетените делови, кровот, фасадата, инсталациите и внатрешните простории, со што се обезбедени значително подобри просторни и работни услови за припадниците на единицата.
Во рамки на посетата, министерот ги посети и припадниците на униформираната полиција кои посетуваат специјализирана обука за „Тактики и техники на справување со нарушување на јавниот ред и мир од поголем обем“, а присуствуваше и на презентација на опремата за јавен ред и мир наменета за специјалните полициски единици, чија набавка е во тек.
Тошковски истакна дека Министерството за внатрешни работи континуирано вложува во подобрување на условите за работа, модернизација на опремата и професионално усовршување на полициските службеници, бидејќи токму овие инвестиции придонесуваат за поголема оперативна подготвеност, поефикасно полициско постапување и повисоко ниво на безбедност за граѓаните.
Во таа насока, министерот ги посочи и резултатите во борбата против криминалот, нагласувајќи дека Македонија бележи најниска стапка на криминалитет во последните 20 години, додека вкупната ефикасност во откривањето на кривичните дела и сторителите изнесува 70,3 проценти.
Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции во полициската инфраструктура, современа опрема и обука на кадарот, со цел создавање професионална, модерна и ефикасна полиција која ќе обезбеди поголема сигурност и безбедност за сите граѓани.

