Може ли Алта банка во Битола да добие нов сопственик и без согласност од Србија? Колку време би траела продажбата, што ќе се случи со парите на граѓаните и дали банката ќе продолжи да работи под ново име? Ова се дел од најважните прашања што се отвораат откако српската Алта банка заврши во стечај, а нејзината македонска банка премина под привремена администрација на Народната банка.
Најпрво, важно е да се разјасни зошто српската банка е во стечај, а македонската продолжува да работи. Иако имаат исто име и се сопственички поврзани, станува збор за две посебни правни лица, со различни дозволи за работа, имот, обврски и надзорни институции. На 30 октомври српската Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка Белград, а на 3 ноември судот отвори стечајна постапка. Но тоа не значи автоматски стечај и за банката во Битола. Според македонската Народна банка, таа е ликвидна, високо капитализирана и ги исполнува супервизорските стандарди. Проблемот произлегува од состојбата на нејзиниот мнозински сопственик, кој поседува 95,336 проценти од акциите.
Затоа македонскиот регулатор не ѝ ја одзеде дозволата за работа, туку воведе тримесечна администрација, со цел да ги заштити банката, нејзиниот имот и штедачите до разрешување на сопственичката состојба.
Но што ако српскиот сопственик одбие да ја продаде банката?
Македонскиот Закон за банките предвидува механизам и за таква ситуација. Со повлекувањето на согласноста за квалификувано учество, српскиот акционер го губи правото на глас и може да биде задолжен да ги продаде акциите во рок определен од Народната банка. Според членот 137, тој рок по правило не може да биде подолг од 180 дена. Ако акционерот не ја исполни обврската, законот предвидува дополнителна постапка преку која Народната банка може да организира продажба во негово име, на јавна берзанска аукција.
Тоа значи дека несогласувањето на сопственикот не претставува апсолутно вето. Сепак, Владата не може самостојно да ја одземе банката и да ја продаде по сопствен избор. Постапката ја водат надлежните институции, а новиот купувач мора да ги исполни законските услови и да добие согласност од Народната банка. Дополнително, бидејќи српската Алта веќе е во стечај, со нејзиниот имот управува српската Агенција за осигурување депозити како стечаен управник. Оттука, одлуките за акциите повеќе не зависат едноставно од волјата на поранешното раководство или сопствениците, туку и од стечајната постапка во Србија. Парите од продажбата на банката во Македонија би завршиле во стечајната маса во Србија и со неа би се раздолжувале доверителите кои имале пари во српската Алта банка.
Колку време може да трае продажбата?
Најоптимистичкото сценарио е она што го најавуваат македонските власти – аукција кон крајот на ноември или на почетокот на декември. Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека дотогаш ќе завршат потребните процедури и ќе биде познат новиот сопственик. Ако има подготвен купувач, ако навреме се добијат регулаторните согласности и ако нема правни пречки, преносот на сопственоста би можел да заврши во декември или на почетокот на 2027 година. Но ова е оптимистичка проценка, а не гарантиран законски рок.
Песимистичкото сценарио е значително посложено. Ако настане спор околу продажбата, ако српскиот стечаен управник не соработува, ако нема прифатлива понуда или ако купувачите не добијат регулаторно одобрение, постапката може да се одолжи со месеци и да навлезе во 2027 година.
Што е со парите?
Што ќе се случи со граѓаните што имаат сметки, плати, пензии и заштеди во Алта банка? Ако нов инвеститор ги купи акциите, банката не престанува автоматски да постои. Таа може да продолжи да работи како исто правно лице, само со нов сопственик. Во таков случај, граѓаните не мора да отвораат нови сметки ниту повторно да ги депонираат своите пари. Нивните депозити, кредити и договори остануваат во банката, а евентуалната промена на името или рекламните табли е одлука што дополнително ќе ја носи новиот сопственик.
Ако, пак, Алта ја купи банка што веќе работи во Македонија, можни се две решенија. Купувачот може извесно време да ја задржи како посебна банка во рамките на својата групација, но може и да одлучи да ја припои кон сопствената банка. Во вториот случај би следувало административно и техничко спојување на системите, филијалите и сметките. Можно е клиентите да добијат нови трансакциски сметки, картички или пристап до друга мобилна апликација, но тоа не значи дека нивните пари исчезнуваат или дека треба повторно да ги уплатуваат.
Во моментов, поради привремената администрација, располагањето со дел од средствата е ограничено. Од 9 ноември неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картички е зголемен на 15.000 денари, а најавено е целосно располагање со новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери. Кога клиентите повторно ќе можат неограничено да располагаат и со постојните средства, ќе зависи од одлуките на Народната банка и од нормализацијата на работењето.
Важно е да се нагласи и дека продажбата на банката не е исто што и нејзин стечај. При нормално преземање, средствата на штедачите остануваат нивни побарувања од банката, во целосен износ. Законското осигурување на депозитите до 30.000 евра по депонент во една банка е заштитен механизам што се активира при пропаѓање на банка, а не ограничување на сумата што граѓанинот смее да ја задржи или користи кога банката добива нов сопственик.
Има интерес
Останува и прашањето кој би можел да биде новиот сопственик. Гувернерот Трајко Славески потврди дека интерес за Алта банка покажале шест инвеститори и дека веќе разговарал со две банки што работат на македонскиот пазар. Ова отвора реална можност банката да биде преземена од постојна домашна банкарска институција, наместо во Македонија да влезе сосема нов банкарски бренд.
Од практичен аспект, банка што веќе работи во земјава има предност во познавањето на пазарот, постојната инфраструктура и можноста побрзо да ги интегрира клиентите и филијалите. Но тоа не значи дека е однапред избран домашен купувач. Можноста за влез на нов странски инвеститор останува отворена, а без официјални понуди не може со сигурност да се процени кој исход е поверојатен.

