Американската војска започна со итно повлекување и прераспоредување на своите авиони од базите во Велика Британија, по предупредувањата дека Иран би можел да ги прошири целите за напад на британска територија.
Според податоците за следење на летовите и потврдите од официјални лица, два авиони-танкери за гориво од воздухопловната база „RAF Mildenhall“ вчера наутро беа префрлени во Германија. Во текот на денот, дополнителни танкери и воени летала беа стационирани во други европски бази, додека американските власти проценуваат дали заканата е општа или директно насочена кон базата.
Од Воздухопловните сили на САД не ги открија конкретните причини за оваа операција, кратко наведувајќи дека преместувањето на леталата помеѓу различни локации се врши од повеќе оперативни причини.
Ова не е прв ваков чекор на американските сили. Минатиот месец бомбардерите стационирани во базата „RAF Fairford“ во Англија исто така беа преместени по истрага за планиран терористички напад врз објектот, кој претходно се користеше во операциите насочени кон Иран.
Британските власти претходно ги обвинија структурите поврзани со Техеран за организација на палења и напади на нивна територија, кои претежно беа насочени кон еврејската заедница, со предупредување дека листата на цели може да се прошири доколку продолжи ескалацијата на Блискиот Исток.
Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран „разговара многу љубезно“ со преговарачите од Вашингтон, додавајќи дека има „добри шанси“ за постигнување договор и оценувајќи дека војната „ефективно завршила“.

