Смртта на 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци ја потресе јавноста. Младата девојка го загуби животот во трагичен настан што предизвика бројни реакции и повторно го актуелизираше прашањето за насилството врз жените и девојките.
Нејзината смрт предизвика вознемиреност меѓу жителите на Богданци, но и пошироко, а граѓаните преку најавениот мирен протест ќе побараат правда за Билјана и решителна борба против насилството.
Во знак на револт и солидарност, денеска во 19 часот во Градскиот парк во Богданци ќе се одржи протест под мотото „Стоп за фемицидот – ниту една повеќе“.
17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци беше пронајдена мртва на 3 ноември во опожарен автомобил кај местото „Ичева чешма“, во месноста Горно Село. Во непосредна близина на возилото било пронајдено и телото на нејзиното 21-годишно момче, Виктор Гунтаров.
Според првичните сознанија на Обвинителството, станува збор за сомневања за убиство и самоубиство. Неофицијално беше објавено дека момчето ја пресретнало Билјана пред теретана во Гевгелија и насилно ја внело во автомобил, но ова не е официјално потврдено.
Билјана претходно пријавила физичко насилство од момчето, а судот му изрекол забрана за приближување и вознемирување.

