Политички шпекулации за бегство во Москва, авион вратен среде лет, безбедносни проверки и полиција на белградскиот аеродром ја одбележаа ноќта меѓу 3 и 4 ноември во Србија. Во центарот на случувањата се најде поранешниот директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин, кој потврди дека бил во авионот и дека патувал службено за Москва.
Сè започна уште пред полетувањето, кога претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, на социјалната мрежа Икс постави прашање кој вечерта со летот во 18:30 часот „бега за Москва“. Во објавата не беше наведено име, ниту беа понудени докази дека некој навистина се обидува да избега од Србија.
Неколку часа подоцна, авионот на „Ер Србија“ на летот JU134, кој полетал од Белград во 18:48 часот, бил вратен откако стигнал до јужниот дел на Литванија и слетал во Белград пред 22 часот. Меѓу патниците биле Александар Вулин, директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, и претседателот на Српската народна партија, Ненад Поповиќ, поради што летот стана најследен на платформата „Флајтрадар24“.
Според неофицијални информации, причина за враќањето било сомневање дека Вулин се качил во авионот без да ја помине задолжителната безбедносна проверка. Директорот за корпоративна безбедност на аеродромот „Никола Тесла“, Милан Куч, по прегледување на снимките од надзорните камери утврдил дека не биле почитувани процедурите и побарал авионот да се врати.
Од авиокомпанијата соопштија дека одлуката била донесена врз основа на добиени информации од надлежните служби. „Ер Србија“ потврди дека авионот бил вратен по добиена информација од надлежните аеродромски служби за потреба од дополнителни безбедносни проверки поврзани со еден патник.
По слетувањето се огласи и Вулин, кој потврди дека бил во авионот, но категорично ги отфрли информациите дека ги избегнал безбедносните проверки. Тој раскажа дека спиел за време на летот и дека дури по будењето дознал дека авионот се вратил во Белград.
По излегувањето од леталото, тој забележал полицајци и припадници на специјалните единици. Вулин тврди дека повторно ги поминал проверките, заедно со останатите патници, а потоа и дополнителна индивидуална контрола, при што кај него не било пронајдено ништо незаконско.
Тој го оцени случајот како обид за политичка пресметка со него, обвинувајќи дека некој се обидува да го спречи неговото патување во Москва, иако за ваквото тврдење не понуди докази. Вулин нагласи дека во Москва патувал службено и дека по проверките чекал повторно да се качи во авионот.
Воздухопловниот експерт Петар Војиновиќ предупреди на сериозноста на ситуацијата доколку се потврдат информациите за пропуштена безбедносна контрола, истакнувајќи дека процедурите важат за сите патници, вклучително и за оние што користат посебен ВИП-третман.
Останува неразјаснето која конкретна неправилност била причина за враќањето на летот, дали некој навистина ја заобиколил безбедносната контрола и дали ќе биде спроведена дополнителна истрага за постапувањето на аеродромските служби.

