Членките на еврозоната имаат рок до петок да поднесат номинации за нов претседател кој ќе ја наследи Кристин Лагард на чело на Европската централна банка (ЕЦБ), изјави портпаролот на Еврогрупата за „Евроњуз“. Министрите за финансии од земјите членки се очекува веќе во следниот понеделник да ги разгледаат пристигнатите предлози.
По минатонеделното писмо на Лагард до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Советот на ЕУ официјално ја започна постапката за назначување на нејзиниот наследник. Членовите на Извршниот одбор на ЕЦБ се избираат од Европскиот совет врз основа на препорака за кандидат, при што право на глас за препораката имаат само земјите што ја користат евро-валутата.
Претседателот на Еврогрупата, грчкиот министер за финансии Киријакос Пјеракакис, ги повика земјите членки да ги достават своите номинации најдоцна до петок, 6 ноември, а Еврогрупата формално ќе ги разгледа на состанокот закажан за 9 ноември. За избор на кандидат потребна е поддршка од 16 од вкупно 21 членка на еврозоната, кои воедно претставуваат најмалку 65 отсто од населението на еврозоната. Конечната одлука ја носат лидерите на ЕУ, додека свое мислење даваат и Европскиот парламент и Управниот совет на ЕЦБ.
Минатата недела Кристин Лагард објави дека ја напушта функцијата на 7 февруари следната година, со што нејзиниот осумгодишен мандат се скратува за речиси девет месеци, иако останаа шпекулациите за нејзината евентуална кандидатура на претседателските избори во Франција во април 2027 година.
Меѓу главните фаворити во трката за новиот шеф на ЕЦБ се споменуваат генералниот директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) и поранешен шпански гувернер, Пабло Ернандез де Кос, како и поранешниот холандски гувернер Клаес Кнот, кои веќе уште во септември добија поддршка од своите влади. Според прогнозите на платформата Калша, Де Кос има 34 отсто шанси, а Кнот 31 отсто, додека на платформите како Полимаркет тие изнесуваат от 41 до 30 проценти во корист на Шпанецот. Како трет фаворит се споменува поранешниот шеф на француската централна банка, Франсоа Вилерој де Гало, а во игра претходно беше и претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел.

