Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ги презентираше основните параметри на Предлог-буџетот за 2027 година, кој денеска доби зелено светло на владина седница.
Како што појасни таа, буџетот се базира врз реални проекции и контролирани расходи со цел одржување на фискалната стабилност.
„Владата денеска го усвои Предлог-буџетот за 2027 година, со кој ги поставуваме фискалните рамки и развојните приоритети за наредната година. Основната цел е да обезбедиме стабилни и одржливи јавни финансии, да продолжиме со постепена фискална консолидација, но истовремено да создадеме услови за економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, изјави Димитриеска Кочоска.
Според предложената рамка, во следната година се очекува раст и на приходната и на расходната страна.
„Предлог Буџетот за 2027 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто споредено со 2026 година“, изјави министерката.
Таа додаде дека дефицитот од 3,5 проценти од БДП ги следи зацртаните насоки од неколкугодишната фискална стратегија.
„Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети“, истакна таа.
Во делот на инвестициите, за капитални проекти се издвоени 40,8 милијарди денари.
„За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги“, посочи Димитриеска Кочоска.
Во однос на приходите, најголем дел се очекуваат од даноци, кои се планирани на 223,1 милијарди денари.
„Даночната политика ќе остане предвидлива, со фокус на унапредување на наплатата, намалување на даночната евазија и дигитализација на даночните процеси. Со Буџетот во 2027 обезбедуваме редовно и непречено финансирање на сите законски и договорни обврски на државата“, подвлече таа.
Во буџетот се предвидени и средства за плати во јавниот сектор, како и за одбранбениот сектор кој ќе располага со 2% од БДП. Наредната година исто така ќе биде одбележана и со високи износи за отплата на стари обврски.
„Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари. Од вкупните обврски за отплата 46,5 милјарди денари се за надворешен долг“, соопшти министерката.

