Патувањето меѓу Скопје и црногорското летувалиште Тиват повторно ќе биде олеснето со воспоставување директна авиолинија, која треба да започне да функционира од 1 мај, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Летовите во почетната фаза ќе се реализираат двапати неделно, а очекувањата се дека новата врска ќе придонесе за поголема размена на патници, туристи и деловни соработки меѓу двете земји.
„Она што пред 20 дена го разговаравме при нашата посета на Црна Гора, се реализира. Се надевам дека оваа авиолинија сериозно ќе придонесе во зголемување на бројот на патници, но и зголемување на туризмот и на бизнисот“, изјави Николоски на заедничката прес-конференција со црногорскиот вицепремиер Филип Ивановиќ.
На средбата била отворена и темата за продлабочување на економските односи, при што двајцата соговорници договориле следната година да организираат голем бизнис-форум на кој ќе учествуваат компании од Македонија и Црна Гора.

