Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски со остра порака до официјална Софија во однос на третманот на лица кои таму бегаат од македонското правосудство. Конкретно за случајот со Ива Михаилова рече дека и државите членки на Европската Унија мора да ги почитуваат врнвите европски стандарди за владеење на правото.
„Како земја кандидат за членство во ЕУ, очекуваме и членките да ги почитуваат највисоките стандарди во врска со владеење на правото. Навистина е непристојно една земја членка на ЕУ да станува прибежиште за тие што или се осудени за кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамки на судовите во државата“, изјави Муцунски.
Рече дека ќе биде внимателен во јавните изјави. Повикувајќи се на ставот на премиерот Мицкоски кажа дека Македонија немаинтерес да стане дел од „естрадата“ поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори што се во тек во таа држава.
Муцунски порача дека Македонија не ги запира интензивните дипломатски напори за деблокада на евроинтегративниот процес и дека билатералниот дијалог со Бугарија продолжува, но исклучиво во координација и активна комуникација со сите земји членки на Европската Унија.
„Дијалог има и ќе продолжиме да воспоставуваме дијалог. Тој е билатерален со Бугарија, но вклучува наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ. За сите одлуки поврзани со нашата интеграција е потребен консензус, што значи дека за било какво решение за кое работиме со Софија, неопходна е поддршка и консензус од сите земји членки на Унијата“, рече Муцунски.

