Македонската Влада извојува комплетна победа во меѓународната арбитражна постапка за Казандол и државата нема да има никакви трошоци, а проектот за антимон во местото Луке ја ужива поддршката и на локалната власт. Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница упати остри пораки до опозицијата за рударските концесии и крупните државни прашања, одговарајќи на пратеничкото прашање од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
За време на одговорите на парламентарните прашања, премиерот поединечно и детално ги образложи правните и административните постапки за рударските локалитети Казандол, Иловица-Штука и Луке. Тој децидно отфрли какви било обвинувања за штетни политики, нагласувајќи дека Владата нема да преземе ништо спротивно на интересите на граѓаните.
„Јас не ја распродавам, јас само го враќам тоа што вие го распродадовте. Име, територија за марихуана плантажи, француски предлози, се откажавте од македонскиот род. Тоа јас го враќам“.
Во однос на случајот со рудникот Казандол, Мицкоски потсети на наследената арбитражна постапка по раскинувањето на концесискиот договор од страна на претходната владина гарнитура. Тој истакна дека истрагите и сведочењата укажувале на сериозни сомнежи за обиди за спогодба на штета на државниот буџет.
„Во тој процес на арбитража, којшто ни беше наследен, имавме сведочења од луѓе кои, така барем велеа, дека претходната влада, била готова да се спогоди за одредена сума пари, се спомнуваа цифри од 20-30 милиони долари, да го изгуби случајот на арбитража и потоа нормално поединци да добијат одредена награда“.
За рудникот за антимон во местото Луке, Крива Паланка, Мицкоски посочи дека постои целосен согласност со локалната самоуправа.
„За рудникот на антимон во Крива Паланка, во местото Луке, да, сум „за“. Исто како што сум „за“ јас, е и вашиот градоначалник. Потполно исто“.
„За тие подрачја да се спојат, потребен е анекс на договорот, а анексот на договорот не е регулиран во закон“.
Премиерот одби да одговара на личните квалификации упатени од Филипче, истакнувајќи дека фокусот на Владата останува на одговорно и домаќинско работење во корист на граѓаните.

