Претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и Куманово се спроведуваат утрово во рамки на истрага за сомневања за финансиски криминал поврзан со приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување.
Според неофицијалните информации, акцијата ја спроведуваат припадници на Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи. Осомничените се поврзуваат со повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Според првичните информации, штетата врз буџетот надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата се проценува на околу четири милиони евра. Во случајот, според истите информации, биле оштетени и поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.
Како што пренесуваат медиумите, меѓу пријавените е и Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување во периодот на владата предводена од СДСМ.
Според неофицијалните информации, во истрагата се опфатени и други поранешни и актуелни функционери и раководни лица од Фондот и приватната болница, меѓу кои поранешен претседател на управниот одбор на Фондот, поранешни управители и директори на болницата, како и лица кои раководеле со контролните и подрачните служби на Фондот.
Повеќе детали за акцијата, осомничените и евентуалните приведувања се очекуваат по официјалното соопштение од надлежните институции.

