Рускиот претседател Владимир Путин, за време на обраќањето на самитот на земјите извознички на гас во Москва, изјави дека обидите за исфрлање на Русија од светскиот пазар на гас директно ги зголемуваат трошоците за крајните потрошувачи и ѝ нанесуваат сериозна штета на европската индустрија и економија.
Путин нагласи дека Европската Унија, со откажувањето од руските енергенси и раскинувањето на долгорочните договори, самата се соочува со енергетска криза и зголемени трошоци за компаниите, претпријатијата и домаќинствата.
„Имаме една изрека: Не копај дупка на друг, бидејќи самиот ќе паднеш во неа. Токму ова им се случи на земјите од Европската Унија“, истакна рускиот претседател, цитирајќи ја познатата поговорка.
Тој потсети дека Русија располага со најголеми потврдени резерви на природен гас во светот и останува втор најголем производител, додавајќи дека глобалната побарувачка за енергенси и понатаму ќе расте. Во овој контекст, Путин ги повика земјите извознички да го зголемат производството, да инвестираат во нови наоѓалишта и да ја прошират транспортната инфраструктура.

