Под мотото „Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам.“, започна 17. издание на Школата за млади лидери, иницијатива на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Програмата ќе трае до 7 ноември, а во неа учествуваат 40 млади од осум држави.
Школата се одржува во комбиниран формат, со онлајн активности до 29 октомври и средби со физичко присуство од 31 октомври до 7 ноември во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, информираат од Кабинетот на Иванов.
На отворањето, покрај Иванов, се обратиле и поранешниот премиер на Ирска, Берти Ахерн, како и Рик Хатавеј, коосновач на Global Learning Lab International.
Во своето обраќање, Иванов се осврнал на промените во светот и на потребата младите да развиваат критичко размислување, самостојно да носат одлуки и да преземаат одговорност. Тој ја нагласил и важноста на зачувувањето на личната процена во време на голем проток на дигитални информации, посочувајќи дека читањето, саморефлексијата и критичкото преиспитување се важни за развојот на идните лидери.
Ахерн, повикувајќи се на искуството од мировниот процес во Северна Ирска и Договорот од Велики петок, зборувал за значењето на дијалогот, трпението и довербата. Тој истакнал дека компромисот бара храброст и дека лидерите мора внимателно да ги слушаат различните ставови.
Хатавеј, пак, се осврнал на општествената одговорност, нагласувајќи дека лидерството треба да се оценува според конкретниот придонес кон заедницата. Според него, знаењето и идеите треба да се претворат во практични решенија што ќе донесат долгорочни придобивки за луѓето.
Годинашната програма ќе опфати предавања, менторство, интерактивни работилници, дискусии и групни проекти. Посебен акцент ќе биде ставен на вештачката интелигенција, нејзиното влијание врз учењето и работата, како и на етичките прашања и одговорноста при користењето на новите технологии.
Во активностите ќе бидат вклучени околу 30 предавачи од земјата и од странство, меѓу кои експерти, универзитетски професори, претприемачи и претставници од јавниот сектор. Предвидени се и практични задачи поврзани со вештачката интелигенција, ораторска вечер, еколошка акција и активности за запознавање со културното и историското наследство на Охрид.
Според организаторите, меѓународниот состав на учесниците ќе овозможи размена на искуства и создавање контакти за идна соработка.
Школата за млади лидери е основана во 2010 година. Во досегашните 16 изданија, програмата ја завршиле 625 млади од Македонија и од повеќе од 40 други земји, додека околу 450 предавачи и говорници ги споделиле своите знаења и искуства.

