Од СДСМ обвинуваат дека со новиот ребаланс на Буџетот, Владата предводена од Христијан Мицкоски не предвидува доволно поддршка за работниците, земјоделците и граѓаните кои се соочуваат со растечки трошоци за живот.
Од партијата посочуваат дека не се предвидени средства за зголемување на минималната плата на 600 евра, ниту нови мерки за заштита на животниот стандард и финансиска помош за земјоделците. Истовремено, тврдат дека државата продолжува да се задолжува, со што се зголемува товарот врз граѓаните и идните генерации.
Според СДСМ, во изминатите две години јавниот долг е зголемен за околу четири милијарди евра. Од партијата велат дека овие средства не се искористуваат за подобрување на животниот стандард, туку упатуваат обвинувања за злоупотреби при доделувањето тендери.
Во соопштението се посочува и на растот на трошоците за живот. Од СДСМ наведуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка за октомври надминува 70.000 денари, а со вклучена кирија се приближува до 90.000 денари. Според нивните податоци, околу 180.000 работници земаат плата пониска од 31.200 денари, додека минималната плата изнесува 26.000 денари.
Од партијата предупредуваат и на можни нови поскапувања на електричната енергија и парното, оценувајќи дека Владата не презема соодветни мерки за ублажување на економскиот притисок врз домаќинствата.
СДСМ ја критикува Владата дека ги одбила предлозите на опозицијата за справување со кризата и бара поголема поддршка за работниците и граѓаните. Од партијата оценуваат дека актуелните буџетски политики го зголемуваат финансискиот товар врз населението, додека прашањата за платите, цените и животниот стандард остануваат нерешени.

