Во рамките на јавната стручна дискусија за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа, организирана од Министерството за јавна администрација, доц. д-р Константин Битраков, експерт по управно право и јавна администрација од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ги презентираше предложените законски решенија, нивната правна основа и значењето за идната организација и функционирање на државната управа, придонесувајќи со својата научна и практична експертиза во конципирањето и нормативното обликување на законскиот текст, особено во делот на јасното уредување на институционалната поставеност, надлежностите и одговорностите на органите на државната управа.
Во продолжение се одржа панел-дискусијата „Новата архитектура на државната управа – принципи, надлежности и функционалност“, на која учествуваа проф. д-р Борче Давитковски, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска и проф. д-р Драган Гоцевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Преку размена на стручни мислења и аргументи, панелистите ги разгледаа предложените решенија од правен, институционален и практичен аспект, со посебен осврт на нивното значење за појасно уредување на системот на државната управа. Во фокусот беа разграничувањето на надлежностите, овластувањата и одговорностите на институциите, функционалната организација на органите и односите меѓу нив, како и потребата од доследно почитување на законски утврдените надлежности.
На панелот проф. д-р Борче Давитковски истакна дека станува збор за нов закон за организација и работа на органите на државната управа, кој на нови основи ја уредува организациската поставеност на државната управа, со функционално разграничување на надлежностите меѓу соодветните министерства. Според него, предложените решенија треба да овозможат воспоставување независна и функционална организациска структура, приспособена на потребите за развој на државата, како и на барањата што произлегуваат од процесот на пристапување и целосна интеграција во Европската Унија

