Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс зазеде неутрален став во врска со претстојните парламентарни избори во Израел закажани за 27 октомври, одбивајќи да го следи примерот на претседателот Доналд Трамп и да му даде јавна поддршка на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
„Не сум против негова поддршка, не сум за негова поддршка, не се мешам во израелските избори. Ги поддржувам американските кандидати, а она на што сум фокусиран се среднорочните избори за Конгресот“, истакна Венс, осврнувајќи се на претстојните избори на 3 ноември на кои се избираат претставници во двата дома на американскиот парламент.
Овој потег е во целосна спротивност со ставот на претседателот Доналд Трамп, кој само два дена претходно му ја пружи својата „целосна и комплетна поддршка“ на Нетанјаху во пресрет на она што се очекува да биде крајно неизвесна израелска изборна трка. Израелскиот премиер тогаш му се заблагодари на американскиот претседател за „огромната“ поддршка.
Воздржаноста на потпретседателот Венс привлекува внимание и поради неговите претходни ангажмани во меѓународната политика, со оглед на тоа што во минатото отворено го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред изборите во април, а во Германија оствари и средба со лидерката на партијата Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел.

