Професионалните војници со навршени 45 години возраст ќе можат да го трансформираат работниот однос од определено на неопределено време и да останат во Армијата како цивилни лица, информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикатите.
Одлуката била донесена денеска на владина седница, а решението е договорено во соработка со Армијата и синдикалните претставници.
Решението значи дека војниците, конечно, заслужено ќе може да бидат задоволни и сигурни и по својата 45. година. Остануваат сите опции – испратнина, трансфер во институциите, но со оваа реформа правиме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата – изјави Мисајловски.
Министерот појасни дека ова е целосно ново решение кое не е дел од колективниот договор, за кој преговорите меѓу страните продолжуваат.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, посочи дека со ова мерка се надминува децениски проблем во редовите на одбраната.
Обврската за обезбедување на гарнизноните и касарните и имотот на Армијата е на единиците како терцијална дополнителна обврска на овие единици. Со ова предлог-решение обезбедувањето ќе биде обврска на единиците во кои ќе бидат распределени професионалните војници кои навршуваат 45 години – изјави Лафчиски.
Тој додаде дека станува збор за исклучително обучен кадар за извршување на оваа задача.
Ве уверувам дека не постои подобар персонал од професионалните војници, кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска – нагласи Лафчиски.
Според соопштеното, месечните примања со сите додатоци остануваат исти, а заминувањето во пензија ќе биде според правилата од колективниот договор. Се проценува дека од следната година оваа можност ќе ја искористат околу 100 војници.

