Беспилотното летало кое во неделата влезе во воздушниот простор на Литванија и експлодираше на нејзина територија било од украинско потекло и носело експлозивно полнење, потврди литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус.
Литванските власти најавија дека земјата ќе побара од НАТО овластување за превентивно соборување на беспилотни летала кои неовластено влегуваат во нејзиниот воздушен простор, дури и пред да бидат визуелно идентификувани.
– Сега е јасно дека ФПВ дронот, според нашите податоци, е од украинско потекло. Тоа го потврдуваат и остатоците од леталото, како и соопштението и информацијата од украинската страна дека контактот со еден од дроновите бил изгубен за време на нападот. Веројатно е дека токму тој дрон експлодираше на литванска територија. Нема двоумење дека носел експлозив – изјави Синкевичиус.
Според премиерот, дронот влегол на територијата на Литванија од Шенген зоната, односно преку Полска.
Стручњаците во моментот ги истражуваат причините за падот на леталото, при што основната претпоставка е дека дронот бил попречен од руски системи за електронско војување.

