Осигурениците со бенефициран стаж кои сакаат да го задржат членството во вториот пензиски столб од денеска можат да поднесат писмена изјава до Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Крајниот рок за поднесување е 20 јануари 2027 година.
Можноста се однесува на членовите на задолжителните пензиски фондови кои имаат стаж на осигурување со зголемено траење и по тој основ можат да ја намалат старосната граница за пензионирање за најмалку една година.
Од МАПАС појаснуваат дека осигурениците кои во претходните години веќе доставиле изјава за продолжување на членството не треба повторно да поднесуваат документ, бидејќи нивното членство е продолжено врз основа на претходната изјава.
Оние што се опфатени со оваа можност, а нема да поднесат изјава во предвидениот рок, ќе го изгубат членството во задолжителниот пензиски фонд. Средствата од нивните индивидуални сметки ќе бидат префрлени во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ), по што ќе останат осигурени само во првиот пензиски столб, кој функционира врз принципот на генерациска солидарност.
Образецот за продолжување на членството е достапен на интернет-страницата на МАПАС. Изјавата може да се поднесе и електронски, но за да биде валидна, мора да биде потпишана со електронски потпис.
Од Агенцијата апелираат осигурениците навреме да проверат дали се опфатени со оваа обврска и да ја донесат одлуката пред истекот на рокот, на 20 јануари 2027 година.

