Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во изминатиот период во Општина Кичево фокусот бил ставен на подобрување на инфраструктурата, унапредување на комуналните услуги, подобри услови за образование, спорт и култура, како и поодговорно управување со општинските средства. Од партијата велат дека целта е реализација на проекти што ќе го подобрат секојдневниот живот на граѓаните во градот и населените места.
Меѓу реализираните инфраструктурни зафати се реконструкциите на локалните патишта Челопеци – Рабетино, Грешница, Колибари – Црвивци и Србица, како и патиштата Мамудовци – Стрелци и Вранештица. Реконструирани се и улици во Зајас и Србица, како и локалниот пат до манастирот „Св. Богородица Пречиста“, во должина од четири километри и со инвестиција од 34 милиони денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се завршени и реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“, од мостот на реката Сушица до регионалниот пат Кичево – Македонски Брод, како и зафати на улицата „4-ти Јули“. Уредени се и паркинг-простори во Тајмиште и кај ООУ „Кузман Јосифоски-Питу“ и интернатот.
Паралелно, во тек се градежни активности на повеќе улици, меѓу кои „Тренко Тасески“, „Тане Цалески“ и крак од „Јанко Михајлоски“, како и на улиците „Цар Самоил“ и „Димитар Влахов“. Започната е и изградба на нова улица во просторот околу поранешната „Штрафара“, со планирани тротоари за поголема безбедност на пешаците.
Во делот на комуналната инфраструктура, од партијата посочуваат дека е изградена фекална канализација во Грешница, атмосферска канализација во Зајас – Челиковци, како и фекална канализација и водоводна линија на улицата „Партизански одреди“ во населбата Осој. Во Иванчишта и Ново Село се очекува почеток на изградбата на резервоари за вода, а меѓу приоритетите е и резервоарот „Осој“, со капацитет од 500 кубни метри, наменет за жителите на Раштани и Осој и како дополнителен капацитет за градот.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираат и за активности во областа на животната средина. За решавање на проблемот со депонијата и транспортот на отпадот до регионална депонија се обезбедени дополнителни 10 милиони денари. Спроведена е дезинсекција, подготвен е план за дератизација, а постапката за изградба на прифатилиште за бездомни кучиња е во завршна фаза на јавна набавка.
Партијата посочува дека Општина Кичево подготвува и нов пакет капитални инвестиции во вредност од над 470 милиони денари. Меѓу приоритетите се реконструкцијата и уредувањето на градскиот плоштад, со проценета вредност од околу 2,5 милиони евра, развојот на спортските терени во комплексот „Горица“, воведувањето паметни водомери и реконструкцијата на локалните патишта кон Ехловец, Иванчишта, Лешница и Кладник. Предвидени се и изградба на улици и потпорни ѕидови во Белица.
Во делот на урбанистичкото планирање, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се иницирани постапки за измени и дополнувања на Генералниот и деталните урбанистички планови на површина од околу 20 хектари. Во завршна фаза е и постапката за продажба преку јавно наддавање на околу 40 градежни парцели.
Општината обезбедила ваучери за првачињата и награди за учениците со значајни резултати на државни и меѓународни натпревари. Доделени се и 99 годишни финансиски помошти за лица со попреченост, во вкупна вредност од 4.752.000 денари. Дополнително, се работи на подобрување на условите во училиштата, а иницирана е и постапка за проширување на детската градинка „Олга Мицеска“.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека целта на овие активности е рамномерен развој на сите населени места во Општина Кичево, со инфраструктурни и комунални решенија, подобри услови за образование и социјална поддршка, без разлика на етничката, верската или политичката припадност на граѓаните.

