Додека јавноста деновиве е преокупирана со случајот со Ива Михаилова, семејството на Бесим Дурмиши од Љуботен и натаму живее со болката од загубата на својот син и брат. Бесим почина во сообраќајна несреќа во октомври минатата година, на само 33-годишна возраст. Неговите најблиски, според сведоштвото на близок семеен пријател, сè уште не можат да се помират со трагедијата.
За тагата во која живее семејството, за спомените што останале и за чувството дека болката на најблиските на жртвата е ставена во втор план, сведочи човек кој добро го познавал Бесим и неговото семејство. Во разговор за Канал 77, тој нагласува дека не сака неговите зборови да се толкуваат политички, туку како сведоштво за страдањето на едно семејство.
„На семејството да не сте им во кожа! Од се она што го преживеаја последнава година и од она што го гледаат деновиве навистина да не си им во кожа! До толку да е изгубена човечноста! До толку никој да не изрази сочуство и да не рече- чекајте бе, овде згасна млад живот, овде едно семејство се зави во црно! Секому може да му се случи сообраќајка ама не секој е до толку бездушен! За каква хуманост зборуваме?“, вели соговорникот за Канал 77.
Тој раскажува дека Бесим живеел во семејната куќа заедно со родителите и брат му, додека неговата сестра била најстара од трите деца. Бесим бил во брак пет години, но со сопругата сè уште немале деца, бидејќи, како што раскажува соговорникот, сакал најпрво да ги среди животните и станбените прашања.
Веста за несреќата семејството ја добило од роднина. Брат му веднаш заминал во Клиничкиот центар, надевајќи се дека ќе го најде таму доколку е тешко повреден. Но, наместо надежни вести, семејството се соочило со најлошото.
„Кога ги донеле повредените Бесим не бил во свесна состојба. Некоја од сестрите или докторките на брат му му ги дала работите од Бесим, ланче и нешто друго, а потоа им кажале дека починал. Семејството беше во шок! Покрај брат му во болница во меѓувреме стасале и неговите родители и роднини. Се надеваа дека ќе се освести, дека ќе преживее, се молеа за неговиот живот ама…. Родителите беа скршени, немам зборови да го опишам моментот. А мирни луѓе се, големи верници“, раскажува соговорникот.
Според него, Бесим бил мирен, вреден и вешт човек, кој секогаш бил подготвен да им помогне на другите. Работел со електрика, поправал автомобили и разни предмети во домовите, а жителите на Љуботен го познавале како добар мајстор.
„Беше навистина мирно момче, мирен маж, вреден. Се знаеше да работи. Го биваше за електрика, поправаше се што треба дома, а го викаа и луѓето од Љуботен да им помага. Сите го знаеја како голем мајстор, на многу им помогнал. Им ги попрваше и колите. Па и таму кај што работел, колегите негови кажуваа дека бил вреден. Им доаѓаа луѓе да им изразат сочуство и го кажуваа тоа“, вели тој.
Еден од најтешките спомени за семејството е и куќата што Бесим ја градел со желба да создаде подобри услови за живот. Првично купил плац во Скопје, но потоа одлучил да гради во Љуботен, за да остане блиску до своите најблиски. Куќата била речиси завршена, а му останувало уште кратко време да работи пред да земе одмор и да ги доврши преостанатите работи.
„Купи плац во Скопје за да изгради куќа, но се предомисли и направи во Љуботен, за да биде поблиску до неговите. Сакал да остане да живее блиску до семејството, бидејќи таму не познавал никого. Уште една недела требаше да оди на работа и потоа да земе одмор и да ја заврши куќата. Ја изгради, но никогаш не се всели во неа. Ете што се случи“, раскажува соговорникот.
Речиси една година подоцна, неговите лични работи остануваат на истите места, а автомобилот и комбето во дворот секојдневно ги потсетуваат родителите на синот што го загубиле. Според близок семеен пријател, секое утро за мајката е ново соочување со празнината што ја оставила трагедијата.
„Неговото семејство се уште не може да се помири со фактот дека него веќе го нема. Мајка му секое утро кога ќе отовори прозор плаче, гледа во дворот каде се уште му стои автомобилот и комбето, а дома се потсетува на него. Ама што и значи на мајка му и куќа и автомобил кога и го нема најмилото. За ова семејство животот продолжи да тече, но веќе ништо не е исто. Им се смени животот, немаат веќе планови, нема насмевка. Ги остави во тага со празнина и спомени. Тажни се, многу се тажни“, вели тој.
Соговорникот посочува и дека семејството тешко се справува со случувањата околу судскиот процес. Според неговите зборови, братот на Бесим се обидува да ги заштити родителите од дополнителен стрес, додека тие неизбежно се соочуваат и со медиумските содржини поврзани со случајот.
Тој смета дека во целото внимание насочено кон актуелните случувања не смее да се заборави човекот што го загубил животот, ниту семејството што останало да живее со последиците од трагедијата.
„Братот го носи товарот, поминува низ сите работи, слуша се и сешто, преживува се одново и одново. На родителите им е доволна болката за изгубеното чедо. Но, не може да ги заштити од медиумите, гледаат деновиве што се случува по телевизиите. Затоа пак ќе кажам, не дај Боже никому да ја живе нивната болка“, додава соговорникот за Канал 77.

