Романија истражува можен нов напад со беспилотно летало врз танкер во Црното Море, додека Бугарија се сомнева дека Русија стои зад серијата напади врз комерцијални бродови во регионот. Во последните инциденти беа потонати два брода, а спасувачките екипи интензивно бараат 11 исчезнати членови на екипажот.
Романските спасувачи интервенираа преку ноќ за да му помогнат на „Јара Ј“, танкер со знаме на Коморските Острови, во близина на Сулина, недалеку од украинската граница. Романскиот министер за одбрана Раду Мирута изјави дека екипажот успеал сам да го изгасне пожарот на бродот, но сè уште не е јасно дали танкерот всушност бил погоден од дрон.
„Без оглед на тоа дали бил погоден од беспилотно летало или не, истрагата во моментов е во тек“, изјави Мирута за телевизијата Digi24.
Тој предупреди дека инцидентот е сериозен, особено имајќи предвид дека се случил во романските територијални води. Според платформата VesselFinder, „Јара Ј“ е танкер за транспорт на хемикалии и нафтени производи, а во моментот на инцидентот бил празен. Поради откриени воздушни цели над Црното Море, романското Министерство за одбрана испрати и два авиони Ф-18.
Во исто време, Бугарија соопшти дека Русија веројатно е одговорна за нападите со беспилотни летала што минатата недела погодија четири брода, од кои два потонаа во нивната ексклузивна економска зона и соседните води. Спасувачите сè уште бараат 11 исчезнати морнари, додека пет беа спасени. Потонати се бродот „Дигнити“ со знаме на Гвинеја-Бисао и „Челзи-3“ регистриран на Малта.
Бугарскиот премиер Румен Радев изјави пред парламентот дека логиката укажува оти зад овие напади стои Москва.
„Нема логика Украина да ги напаѓа сопствените бродови и екипажи, со оглед на тоа што исходот од сите овие напади е во корист на Русија. Логиката укажува во таа насока. Проблемот е што не можеме да го докажеме тоа“, рече Радев.
Бугарија веќе побара меѓународна помош во истрагата и поддршка од НАТО за подобрување на системите за надзор и одговор на напади со беспилотни летала. Поводот за загриженост е голем, особено откако ЕУ уште во мај 2025 година ја презентираше Стратегијата за безбедност на Црното Море.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас тогаш предупреди: „Црноморскиот регион е главна цел за хибридни активности. Европската Унија има за цел да ја зајакне соработката во борбата против кибернападите, дезинформациите и другите непријателски активности.“
Најновите инциденти дополнително ги зголемија тензиите и загриженоста за безбедноста на поморскиот сообраќај и критичната инфраструктура во регионот.

