Во голем број општини во земјава сè уште не се формирани совети за превенција на детското престапништво, додека дел од веќе формираните не се активни. Како главна причина за нефункционирањето се посочува недостигот од финансиски средства во општинските буџети.
Ова е наведено во Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за 2025 година, кој денеска треба да биде разгледан на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Според извештајот, во голем дел од општините воопшто не се формирани општински совети, дел од нив се формирани, но не се активни, а само мал број функционираат и ги спроведуваат предвидените активности.
„Главниот проблем е во отсуство на финансиски средства за остварување на нивните активности во буџетите на единиците на локалната самоуправа“, се наведува во документот објавен на веб-страницата на Собранието.
Како дополнителен проблем се посочува и недоставувањето податоци од одредени судови, како и доставувањето несоодветни и нерелевантни информации за следење на примената на Законот за правда за децата.
Во извештајот се предлага измена и дополнување на Законот за локалната самоуправа, со цел попрецизно да се утврдат надлежностите и одговорностите на градоначалниците и општинските совети во формирањето, финансирањето и обезбедувањето услови за непречено функционирање на локалните совети за превенција на детското престапништво.
Државниот совет препорачува градоначалниците и општинските совети да ја исполнат законската обврска за формирање на овие тела, да донесат годишни програми за работа и да обезбедат поддршка за спроведување на планираните активности.
Се препорачува и продолжување на поддршката од Државниот совет за доследно спроведување на законските, стратешките и програмските определби во областа на превенцијата на детското престапништво.

