Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска, на покана на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, присуствуваше на одбележувањето на 59-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.
Ѓорѓиевски истакна дека МАНУ има посебно место во националниот и општествениот развој, посочувајќи дека силата на една нација се огледува во знаењето што го создава, културата што ја негува и наследството што им го остава на идните генерации.
„Особено задоволство ми беше што бев меѓу истакнати претставници на научната мисла од Македонија и од регионот, со кои разговаравме за теми од значење за иднината на Скопје. Нивното знаење, искуство и визија се драгоцена поддршка во создавањето град што се развива, го почитува своето наследство и отвора нови можности за генерациите што доаѓаат“, нагласи тој.
Тој додаде дека МАНУ со децении е столб на научното и уметничкото творештво и на интелектуалниот и духовниот развој на Македонија, со непроценлива улога во зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет, како и во унапредувањето на соживотот меѓу заедниците.
Ѓорѓиевски информираше и за конкретни активности кои се преземаат за подобрување на условите и изгледот околу објектот на Академијата.
„Почитта кон ваквите институции ја покажуваме и преку конкретна грижа. Како Град Скопје, започнавме со хортикултурно уредување на просторот околу МАНУ, за ова значајно средиште на знаењето и творештвото да добие поубаво и поуредено опкружување, достојно на неговото значење“, посочи тој.
Во рамки на настанот, Ѓорѓиевски упати честитки и до добитничката на овогодишното меѓународно признание „Блаже Конески“.
„Упатувам искрени честитки до Соња Должан од Словенија, овогодинешната добитничка на меѓународното признание „Блаже Конески“, со желби за уште многу успеси и нови творечки достигнувања. На сите членови и соработници на МАНУ им го честитам празникот, со длабока почит кон нивната работа и придонес. Нека МАНУ и понатаму биде извор на знаење, чувар на нашето наследство и силен глас на македонската наука и уметност во светот!“, порача Ѓорѓиевски.

