Родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно побараа целосно расветлување на околностите и утврдување на одговорноста за трагедијата во која животот го загубија 63 лица, а 218 беа повредени. Реакцијата доаѓа по денешното судско рочиште против 13 полициски службеници од Кочани и Штип.
Родителите поставуваат прашање зошто концертот воопшто бил дозволен да започне, доколку објектот немал соодветна законска документација за работа и организирање настани.
„Што требало да направи полицијата таа вечер?“, прашуваат родителите, инсистирајќи судската постапка да даде јасни одговори за постапувањето на надлежните институции и полициските службеници.
Тие сметаат дека клучно прашање е дали трагедијата можела да биде спречена доколку навремено биле преземени мерки, особено во однос на дозволувањето настанот да се одржи и користењето пиротехнички средства во затворен простор. Родителите нагласуваат дека не бараат однапред да се прогласи нечија вина, туку одговорноста да биде утврдена исклучиво врз основа на доказите и фактите изведени во судската постапка.
Истовремено, тие упатуваат апел до одбраната да не ја одолговлекува постапката со прашања што, според нив, не се суштински за предметот, туку да придонесе за ефикасно утврдување на вистината.
„Ниту една униформа или функција не смее да биде пречка за утврдување на одговорноста“, порачуваат родителите на загинатите.
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето со сослушување сведоци, меѓу кои и пожарникар од Кочани кој сведочеше за брзата интервенција на екипите откако пристигнала дојавата во 2:35 часот. Судењето продолжува со изведување докази.

