По повод „розовиот октомври“ – месецот посветен на подигнување на свесноста за рана детекција на рак на дојка, министерот за здравство Сашо Клековски ја посети Клиничката болница во Штип, каде што е отворен нов мултидисциплинарен кабинет за дојка.
Новиот кабинет е наменет за побрз и поквалитетен одговор за пациентките со болести на дојката. Во него заеднички ќе дејствуваат специјалисти од повеќе области, односно рендгенолози, хирурзи, патолози и онколози.
Со цел намалување на листите за чекање, само во текот на овој месец во кабинетот за дојка ќе се извршат дополнителни 180 мамографии за време на викендите.
Од министерството за здравство најавуваат дека во следниот период се очекува да пристигне и нов, современ мамограф, кој ќе обезбеди поквалитетна здравствена услуга за сите пациентки од источниот дел на земјата.

