СДСМ обвинува дека зад заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија стоел договор меѓу функционери од власта и бара одговорност од сите што евентуално биле вклучени во случајот.
Од партијата тврдат дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски договарал, а Панче Тошковски ја овозможил нејзината непречена транзитна постапка преку границата, со согласност од премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо одговорност од Тошковски, сега народот гледа театар“, велат од СДСМ, обвинувајќи ја власта дека ја префрла одговорноста на други и води медиумска кампања за да го одвлече вниманието од случајот.
Од опозициската партија оценуваат дека околностите околу заминувањето на Михаилова треба да бидат целосно расветлени и дека мора да се утврди дали имало договори или инструкции од функционери.
СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и одговорност за сите за кои ќе се утврди дека учествувале во случајот или не постапиле согласно своите надлежности.
„Граѓаните заслужуваат вистина и правда, државата заслужува институции што го спроведуваат законот“, порачуваат од СДСМ.

