Мнозинството од испитаниците се задоволни од квалитетот на нивниот живот, покажува последната анкета на МКД.мк, спроведена од агенцијата Маркет вижн во периодот од 11 – 27 септември на примерок од 1.200 испитаници. И во однос на прославата по повод 35 години независност на Македонија, најголем дел од испитаниците (41,2%) имаат позитивен став.
На прашањето „колку сте задоволен/а со вашиот квалитет на живот?“, мнозинството испитаници (57,5%) одговориле дека се задоволни, а 40,7% не се задоволни.

Во однос на прославата по повод 35 години од независноста на Македонија најголем дел од испитаниците (41,2%) имаат позитивен став за организацијата, а 31,8% од испитаниците сметаат дека прославата била прескапа и дека парите требало да се потрошат на други работи. 27 отсто од испитаниците немаат став за ова прашање.

Изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски по повод „Денот на независноста“ дека „битката на оваа генерација е да ја победи омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија“ предизвика големо внимание и бројни реакции во македонската јавност. Прашањето до испитаниците беше дали оваа изјава ја сметаат за разбирлива, навредлива и дали го поддржуваат овој став.
Поделени се ставовите на испитаниците во однос на разбирливоста на пораката. Најголем дел од испитаниците (41,2%) сметаат дека изјавата е разбирлива, додека за 31% изјавата не е разбирлива.

За повеќе од половината од испитаниците (53,4%) изјавата на премиерот не е навредлива.

Ставовите на испитаниците во однос на тврдењето дека ја поддржуваат изјавата на премиерот се поделени, при што речиси една третина од испитаниците ја поддржуваат изјавата, една третина не ја поддржуваат и една третина имаат неутрален став.

Истражувањето беше спроведено во периодот од 11 – 27 септември со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност согласно податоците за резидентното население од пописот 2021 година.

