Нека 11 Октомври нè потсетува дека љубовта кон татковината се докажува со дела, со одговорност и со грижа за идните генерации, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој беше дел од владината делегација што претпладнево им оддаде почит на борците за слобода на Партизанските гробишта во Бутел.
Тој преку Фејсбук го честиташе 11 Октомври – Денот на народното востание. Вели дека овој ден е симбол на храброста, непокорот и решителноста на македонскиот народ да застане на вистинската страна на историјата.
-Денеска, како дел од владината делегација, на партизанските гробишта во Бутел оддаваме почит на хероите кои во 1941 година ја започнаа борбата за слободна Македонија. 11 Октомври е симбол на храброста, непокорот и решителноста на македонскиот народ да застане на вистинската страна на историјата, во борбата против фашизмот, за слобода, правда и човечко достоинство, објави Тошковски на неговиот фејсбук-профил.
Генерациите пред нас се изборија за слободата што ја живееме денес, вели, а „нашата должност е да ја чуваме, да ја зајакнуваме државата и да градиме Македонија во која секој граѓанин ќе се чувствува безбедно, слободно и достоинствено“.

