Големи се разликите во рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ и на нивните лидери Христијан Мицкоски и Венко Филипче, покажува последната анкета на МКД.мк, спроведена од агенцијата Маркет вижн во периодот од 11 – 27 септември на примерок од 1.200 испитаници.
На прашањето „за која политичка партија ќе гласате на наредните избори, 19,3 отсто одговориле дека ќе гласат за ВМРО-ДПМНЕ, 5,6 отсто за СДСМ, а рејтинзите на ДУИ и на Влен се изедначени – 4,2%.

41 отсто од испитаниците изјавиле дека нема да излезат да гласаат, не знаат дали ќе излезат на гласање или не сакаат да одговорат на ова прашање.
Меѓу испитаниците кои се определени за одредена политичка партија, за Левица би гласале 4 отсто од испитаниците, за ЗНАМ 1 отсто.
И кај лидерите, довербата за Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, (20,4%) е во голема предност пред довербата во Венко Филипче, претседателот на СДСМ (3,8%).Дури 44,1% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија, а 12,5% не сакаат да одговорат на ова прашање.

Довербата за Али Ахмети е 3,7%, за Димитар Апасиев – 3,4%, за Изет Меџити – 2,6%. Лидерите на новата политичка партија Влен, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, се во предност во однос на лидерот на опозициската ДУИ.
И анкетата спроведена во јуни покажа убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски пред опозициската СДСМ.
Анкетата е спроведена со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност согласно податоците за резидентното население од пописот 2021 година.

