Резолуцијата за правата на македонското национално малцинство во Албанија, усвоена од Федералната унија на европските националности (ФУЕН), е доставена до албанските и меѓународните институции, како и до институциите во Македонија за нивно запознавање со барањата.
Информацијата ја потврди Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое ја поднело резолуцијата. Тој очекува надлежните институции во Албанија да преземат конкретни чекори, а посочува и на важноста од ангажманот на меѓународната заедница.
Меѓу главните барања наведени во документот е Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, како и да преземе мерки за заштита на македонскиот идентитет од негирање и асимилација.
Во резолуцијата се бара и општина Пустец да го задржи статусот на посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на идната административно-територијална реформа. Дополнително, се предлага нејзино преименување во Општина Преспа.
Документот беше усвоен едногласно на 70. конгрес на ФУЕН во Хелсинки, Финска, на кој учествуваа претставници на 100 организации-членки од 38 европски земји.

