Вкупно 30 пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 18:30 часот, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, 12 се активни, два се ставени под контрола, додека 16 се целосно изгаснати.
Активни жаришта има на повеќе локации низ државата: во Општина Студеничани (помеѓу Драчевица, Цветово и Количани), Општина Чашка (Јаболчиште), две локации во Липково (Стрима и Матејче), Дебарца (Лактиње), Виница (Лески), Врапчиште (Добри Дол), Битола (Кукуречани), Новаци (Добромири) и три локации во Прилеп (Ерековци, Шелеверци и Средорек).
Под контрола се ставени пожарите кај депонијата „Краста“ во Куманово и меѓу Грдовци и Мојанци во Кочани.
Успешно се изгаснати 16 пожари во скопските општини Сарај, Центар, Чаир, Аеродром и Гази Баба, како и во Могила, Долнени, Демир Хисар, Босилово, Василево, Македонска Каменица, Виница, Куманово, Кратово и Врапчиште.

